Инспекторите од Секторот за инспекциски работи при Општина Струмица во периодот од 1 до 24 ноември 2025 година реализирале вкупно 43 вонредни инспекциски надзори, со цел превентивно и репресивно делување за намалување на загадувањето на амбиенталниот воздух, заштита на животната средина и обезбедување на јавната чистота во урбаните површини.
Една од критичните локации опфатени со надзор била улицата „Антон Панов“, каде што, како што информираат од општината, често се фрла отпад од стари моторни возила на приватни и јавни површини. Во соработка со СВР Струмица биле обезбедени материјални докази за понатамошен кривичен прогон против сторителите.
Во наведениот период, општинскиот инспектор за животна средина спровел 12 вонредни надзори, комуналните инспектори извршиле 17 надзори, а градежните инспектори 14 вонредни надзори.
Од Општина Струмица најавуваат дека врз основа на утврдените состојби ќе бидат поднесени соодветни пријави против сите правни и физички лица кои не ги почитуваат законските прописи.
Секторот за инспекциски работи ќе продолжи активно да делува и во наредниот период, со апел до граѓаните и деловните субјекти да постапуваат согласно законот, со цел намалување на аерозагадувањето и подобрување на јавната чистота во Струмица.




























