Во изминатиот период, до Општина Струмица во повеќе наврати биле доставени иницијативи за вршење вонреден инспекциски надзор над постројки и инсталации во сопственост на правни субјекти кои поседуваат А-интегрирана еколошка дозвола.
Од Општина Струмица информираат дека, согласно важечките одредби од Законот за животна средина, надлежностите за издавање дозволи и вршење инспекциски надзор се јасно поделени меѓу општинските и државните органи.
Како што појаснуваат од општината, согласно член 123 од Законот за животна средина, орган надлежен за издавање Б-интегрирана еколошка дозвола е градоначалникот на општината, додека според член 201 од истиот закон, инспекцискиот надзор над субјектите кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола го врши Општината преку овластениот општински инспектор за животна средина.
Во однос на А-интегрираните еколошки дозволи, од Општина Струмица посочуваат дека согласно член 108 став 1 од Законот за животна средина, надлежен орган за нивно издавање е Министерството за животна средина и просторно планирање. Исто така, согласно член 198 од истиот закон, надзорот дали субјектите ги исполнуваат условите од А-интегрираната дозвола и дали операциите во инсталациите се спроведуваат согласно дозволата, е во надлежност на Министерството, преку државниот инспектор за животна средина.
Од општината информираат и дека, согласно Годишниот план за работа на Секторот за инспекциски работи за 2025 година и врз основа на наредбата издадена од градоначалникот на Општина Струмица со број 09-8293/1 од 18 ноември 2025 година, општинските инспектори континуирано спроведуваат редовни и вонредни инспекциски надзори.
Надзорите се вршат над правни и физички лица, со посебен акцент на инсталации кои поседуваат Б-интегрирана еколошка дозвола, како и над субјекти кои вршат спалување, несоодветно одложување и неправилен третман на отпад, со цел справување со состојбата на зголемено загадување на воздухот на територијата на општина Струмица, информираат од Општина Струмица.





























