Општина Струмица по пауза од седум години повторно ги активира урабаните и месните заедници на територијата на општината, преку кои граѓаните од секое маало во градот и од населените места, во иднина ќе можат институционално да ги изнесуваат своите проблеми, како и да предлагаат идеи за развој и унапредување на своето место на живеење, со што новата општинска власт предводена од градоначалникот Петар Јанков ја отвора вратата за директно учество на граѓаните во локалното одлучување.
Синоќа, речиси истовремено во сите осум Урбани заедници во градот и во 17-те Месни заедници во населените места, граѓаните предлагаа и гласаа за нови членови на советите и нивни претседатели.
За претседател на Прва Урбана заедница во Струмица е избран Ѓорге Тилев, за Втора УЗ – Павле Стојанов, за Трета УЗ – Ѓорги Поп-Трајков, во Четвртата Урбана заедница за претседател е избран Ѓорги Крмзов, во Петтата УЗ – Мирчо Гошев, во Шеста УЗ – Драги Костадинов, во Седма УЗ – Зоран Јанев и во Осма Урбана заедница во градот Струмица е избран Бошко Петров.
Во селата на територијата на општина Струмица избрани се 17 совети и исто толку претседатели, и тоа: Месна заедница Куклиш – Столе Сапунџиев, Градско Балдовци – Никола Трајков, Свидовица – Трајче Делев, Банско – Александар Мицевски, Габрово – Живко Китанов, Сачево – Стојанчо Коцев, Муртино – Никола Василев, Дабиље – Сашко Диндев, Просениково – Душко Стојанов, Добрејци – Илија Стојков, Вељуса – Митко Пеев, Водоча – Васко Стојанов, Баница – Стојан Тодоров, Попчево – Ванчо Ташев, Рич – Насе Атанасов, Раборци – Горан Костадинов и за Месна заедница Костурино претседател е Ване Гогов.
„Вечерва, на изборите за месни заедници, голем број граѓани на најтранспарентен начин досега избраа претседатели и совети на месните заедници, и во градот и во населените места. Избрани вкупно 25 претседатели на месни заедници! Честитки за избраните членови на совети на месна заедница и им посакувам успешна работа за доброто на сите жители на општината“ – напиша синоќа на социјалните мрежи, Владимир Ристов, член на Советот на општина Струмица.
Последните избори за претседатели и членови на советите на урбаните и месните заедници биле одржани во 2018 година, со мандат до 2022 година, по што нивната активност не била обновена.
Според Статутот на Општина Струмица, урбаните и месните заедници не се правни субјекти, но имаат важна улога, можат да решаваат прашања од локален интерес, да поднесуваат иницијативи до општинските органи и да добиваат делегирани надлежности.




































