И годинава на Свечена академија во предвечерието на Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, Општина Струмица додели Плакети и Признание на најдобрите наставници и професори во основните и средните училишта, како и на воспитувачи и негуватели во детските градинки во општина Струмица.
Признание и Плакета „Св. Кирил и Методиј“ добија: Виолета Донева и Весна Крстева од Детската градинка „Виножито“, Гордана Ѓоргиева и Милка Узунова од Детската градинка „Детска радост“, Ленче Мазнејкова од ООМУ „Боро Џони“, Златка Апостолова од ООУ „Гоце Делчев“ Вељуса, Љупка Поп-Тодорова од ООУ „Герас Цунев“ Просениково, Сашка Василевска од ООУ „Маршал Тито“ Муртино, Аница Пецанова од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ Дабиље, Соња Мицева од ООУ „Даме Груев“ Куклиш, Тања Црвенковска од ООУ „Видое Подгорец“ Струмица, Гордана Манчева од ООУ „Никола Вапцаров“ Струмица, Христина Каларменикова од ООУ „Сандо Масев“ Струмица, Марика Арсовска од ООУ „Маршал Тито“ Струмица, Ристенка Костова од СОУ „Димитар Влахов“ Струмица, Борислав Манчев од СОУ „Никола Карев“ Струмица и Катерина Милушева од СОУ „Јане Сандански“ Струмица.
Честитајќи им ги наградите на просветните работници, градоначалникот Костадин Костадинов кажа дека Светите браќа Кирил и Методиј, сесловенските просветители биле и ќе останат наша вечна тема, наша вечна гордост и наш завет, дека нивното дело мора најсоодветно да се рефлектира во онаа што значи денес, утре, на писменоста, на образованието и христијанскиот печат на нашето постоење.
„Денес е повеќе од потребно длабоко да се подзамислиме, но и да се запрашаме дали писменоста и образованието кај нас се во согласност со аманетот на светите браќа и нивните ученици. Мора сите да се согласиме дека е потребна поголема посветеност и грижа за образованието. Мора да бидеме свесни дека работата во образованието е исклучително важна и сензитивна, дека образовните професии според спецификите кои самите ги носат се разликуваат од сите останати, па токму затоа севкупното внимание на општеството треба да биде насочено токму кон процесот на примопредавање на знаења и вештини. Колку ќе вложуваме во нашето образование, толку ќе ни биде и посветла иднината. Притоа, иако е кажано безброј пати вреди да го кажам повторно и повторно, дека наставниците и професорите постојат за учениците, а не обратно. Тоа никако не смееме да го симнеме од нашиот ум“ – кажа во своето обраќање градоначалникот Костадинов.
Свеченоста беше збогатена со музички изведби на ученици од струмичкото основно музичко училиште „Боро Џони“.
Светите Кирил и Методиј, сесловенските просветители и проповедници на христијанството, творци на словенската писменост, пред точно 1060 години, односно во 863 година му дадоа на словенскиот свет азбука и ги поставија темелите на словенските литератури.