Водопадот кај Колешино добива нови содржини, а дел од старите се подобруваат. Во рамки на проектот „Туризмот иднината на регионот“, Општина Ново Село ја започна реконструкцијата на постоечките патеки што водат до Колешинскиот водопад, обнова на оградата долж патеките, а ќе се постави и нова урбана опрема во која влегуваат платформи, летниковци и излетнички маси како и паркинг конструкција за велосипеди.
Проектот се реализира преку Центарот за развој на Југоисточниот плански регион со средства обезбедени од Бирото за регионален развој и општина Ново Село. Реализацијата на целиот проект ќе чини 63.000 евра.
Освен водопадот во Колешино, нови содржини добиваат и Мокринските извори кои ќе станат лесно достапни и за лицата со телесен инвалидитет, бидејќи е планирана изградба на соодветна патека и посебен летниковец.
Реконструкцијата на патеките веќе е започната и според најавите сите активности треба да завршат најдоцна во период од половина година.