Филмската комедија „Te Dua, жими мене“, снимена по сценарио на Никола Кузелов и во режија на Марјан Гавриловски, на 10 октомври премиерно ќе биде прикажан во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.
Приказната го следи патешествието на тројца другари, квази фраер, коцкар и армоникаш, кои трудејќи се да ја вратат назад купената жена од Албанија, стануваат дел од мафијашка зделка и мораат да се справат со низа несекојдневни ликови. Фактот што филмот е снимен како независна продукција на авторите им дава тотална филмска слобода да ги рушат предрасудите и да раскажат приказна која не им робува на конвенциите.
Комедијата „Te Dua, жими мене“ ја доби награда за најдобар игран филм на фестивалот „SoundScreen“ во Равена, Италија. Ова е второ меѓународно признание откако летово доби награда од публиката на Филмски фестивал во Тирана, Албанија.
Вторник, 10 октомври | 20:00 часот | Центар за култура – Струмица | Влезница: 250 денари