Градот Струмица од синоќа е во новогодишен амбиент. На плоштадот „Гоце Делчев“ поставена е 20-метарска елка од железна конструкција со вештачко зеленило и лед светилки во различни бои, а околу неа 600 метри „светлосно небо“. Украсени се и булеварите во градот со околу 400 метри декоративни светлосни украси.
Сето тоа го украси компанијата „Линк Медиа Плус“ од Скопје која го доби тендерот на ЈП „Паркиралишта Струмица“ за сума од околу 65.000 евра, односно 4.000.000 денари.
„Сакам деновите кои ни претстојат да ја уживаме позитивата, љубовта, радоста на празниците! Новогодишните бои ја разубавија Струмица. Започна претпразничната магија! И оваа година Струмица блесна во полн сјај со новогодишното украсување на повеќе локации во градот. Најголемата елка во државата поставена на градскиот плоштад, а новогодишниот амбиент е надополнет и со други светлосни фигури. Нека ни биде најубаво и весело“, објави граодначалникот Костадин Костадинов.