Алекс Митров 18-годишно момче, роден во Берн, Швајцарија по потекло од Струмица е големата надеж на ФК „Беласица“ и македонскиот фудбал. Тој потекнува од школата на „Јанг Бојс“, гигантот во фудбалска Швајцарија. Беше член на „Бреитенрајн“ за да минатото лето доаѓа во градот на своите родители, Струмица и потпишува да игра за ФК „Беласица“.
„Тоа беше моја желба, секако дека се консултирав со моето семејство од кое добив поддршка. Па така, еве веќе нешто повеќе од осум месеци сум во Струмица и играм за „Беласица“. Добивам минутажа, прекрасно сум примен тука во клубот и во градот. Најмногу играм за младинската екипа, но како што реков добивам шанса и за првиот тим. Јас сум задоволен, очекувам како што минува времето да добивам уште поголем шанса. Веќе се навикнав на животот овде во Македонија. За разлика од Швајцарија тука како да е некако послободно, поубаво се живее, ми се чини дека не погрешив што дојдов“ – вели за порталот „СпортСпорт.мк“, младиот фудбалер Алекс Митров.
Инаку тој има настапи и за У-17 и У-18 селекциите на Македонија. За „Беласица“ има одиграно седум натпревари и постигнал исто толку голови. А на вчерашниот натпревар со „Шкупи“ даде два гола за младите У-19.
Алекс има и помал брат, тоа е Макс Митров (15), тој сега е член на младинската школа на „Бреитенрајн“, претходно беше пет години во „Јанг Бојс“, а потоа и една година во „Тун“. Вели дека е голема талент, и дека од Макс се очекува да тргне по стапките на својот постар брат.