„Платно од Тристиси“ е новата книга на струмичанецот Никола Д. Сарајлија Македонски, седма негова книга со хаику песни.
Хаику е вид јапонска поема која обично ја опишува природата и содржи мошне емотивна перспектива. Хаикуто и неговите творци се свртени кон ситните, обичните, речиси безначајните нешта, најчесто нешта кои се дел од природата. Хаику се состои од 3 стихови и 17 слогови. Во првиот стих се користат 5 слогови во вториот стих се користат 7 слогови и во последниот стих се користат 5 слогови. Седумнаесетте слогови на хаику песната не се стремат да го опишат неописливото, туку да го поттикнат читателот да го доживее она што го почувствувал поетот.
„Оваа седма книга на Никола Сарајлија претставува компилација со која се прави заокружување на целокупното творештво со хаику песни на овој докажен творец. Во оваа своја книга авторот прави избор на своите најдобри песни од целокупното негово творештво и нуди еден хронолошки водопад кој тече од неговата прва книга до последната“ – кажа во своето обраќање промоторот Иван Котев.
Никола Сарајлија спаѓа во првата генерација на македонски писатели што го популаризираат хаикуто како книжевна форма во нашата културна средина.
Четириесттина хаику песни се застапени во книгата „Платно од Тристиси“, а е во издание на НУ Центар за култура „Антон Панов“ од Струмица.