Учениците и вработените во СОУ „Никола Карев“ од Струмица веќе 30 години со своите уникатни маски што сами ги изработуваа се претставуваат на „Струмичкиот карневал“. За овој јубилеј по официјалното отворање на годинашниот Струмички карневал, во фоајето на Центарот за култура ги изложија своите маски од изминатите 29 години, годинава со новата маска „Ритамот на младоста“ ќе им биде по 30-ти пат. Освен маските на изложбата се поставени и фотографии од нивните настапи на Струмичкиот карневал, но и на многу карневалски настани во странство.
„Со задоволство вечерва споделуваме дел од нашите спомени преку овие фотографии. Секоја година докажуваме дека создаваме прекрасни костими и импресивни танцови изведби. Живописните бои, веселата музика и традиционалниот дух на карневалот се доловени во овие маски и фотографии кои се само мал дел од нашата приказна за Струмичкиот карневал и претставувањето во странство“ – кажа директорот на училиштето, Зоран Петков.
По повод јубилејот, претседателот на Организациониот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов во име на FECC на директорот на училиштето, Зоран Петков му врачи „Медал на FECC“, а како што кажа Цицимов со ова сакаме и да ги поттикнеме сите карневалски групи, а ги има многу во Струмица, со вакви јубилеи да се претставуваат секоја година со изложба на своите маски од изминатите години.