Полицијата и денеска го обезбедуваше домот во Струмица во кој вчера попладне е пронајдена почината 83-годишна жена. Неколку часа синоќа траеше увидот на полицијата и Јавното обвинителство при што беше блокирана и една од улиците.
„Вчера во 14:20 часот од страна на лекар од Итна медицинска помош во СВР Струмица било пријавено дека во куќа на улицата „Димитар Цветинов“ во Струмица била пронајдена почината М.Б.(83). Увид на местото извршиле Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица, доктори од Институт за судска медицина и ЈЗУ „Општа болница“ Струмица и екипа на СВР Струмица. По наредба на јавен обвинител телото било предадено на обдукција. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информираат од струмичката полиција.
Дали 83-годишната струмичанка починала од природна или насилна смрт ќе се утврдува со обдукција. И покрај шпекулациите дека се работи за убиство, надлежните институции ниту ги потврдуваат ниту пак ги демантираат истите. Од струмичкото Јавно обвинителство само информираа дека сомнеж постои, но не сакаат да шпекулираат, а точните причини за смртта ќе се знаат откако ќе го добијат извештајот од Судска медицина.
Жената била пронајдена мртва во својот дом од страна на блиски членови на семејството, тие ја повикале Брзата помош, по што лекар ја известил полицијата.