На стадионот „Благој Истанов“ во Струмица, спортски новинари од Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора денеска учествуваат на Меѓународниот турнир во фудбал во чест на легендата на македонскиот и струмичкиот фудбал, Благој Истатов.
Како што кажа познатиот долгогодишен спортски новинари, Бошко Трпески, организатор на дводневните случувања во Струмица, ова е само игра, а не натпревар меѓу овие блиски народи од четирите земји на поранешните ЈУ простори, насловена „Отворен спортски Балкан“.
Васил Тупурковски, претседател на Македонскиот олимписки комитет ја отвори „играта“ помеѓу балканските спортски новинари и кажа дека секогаш е пресреќен кога има вакви турнири помеѓу народи од земји со кои секогаш се дружевме и живеевме заедно, а посебно кога се дружиме на собири во чест некоја легенда во спортот, како што е Благој Истатов.
Учесниците ги поздрави и внукот на Благој Истатов, кој го носи неговото име и презиме, Благој Истатов, а денеска беше и дел од турнирот во екипата на Македонија.
По натпреварите помеѓу четирите земји, дел од учесниците го посетија и вечното почивалиште на Благој Истатов на Градските гробишта во Струмица, каде положија свежо цвеќе, а попладне продолжуваат финалните натпревари.
Овој турнир е во рамките на дводневниот Симпозиум на спортските новинари од Југоисточна Европа, односно од државите Хрватска, Босна и Херцеговина, Унгарија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Грција, Кипар, Албанија, Турција и Македонија насловен „Спортот за државата – државата за спортот“, кој во организација на Асоцијацијата на спортски новинари на Македонија, денеска и утре се одржува во хотелот „Сириус“ во Струмица.
ФОТОГАЛЕРИЈА