Во Битола, со прогласувањето на најуспешните фолклорни групи, културно-уметнички друштва и ансамбли, заврши 53-то издание на Републичкиот фестивал на народни песни и игри „Илинденски денови 2023”.
Вокално инструменталниот состав „Распеани струмичани“ од Струмица е прогласен за најуспешна група што презентираше староградска музика и игра, а КУД „Русалии“ од Секирник за Ансамбл со најкомплетна изворна носија.
Фестивалот „Илинденски денови” е еден од најголемите амбасадори на културата во светот и чувар на македонската традиција и фолклор. Во изминатите 13 фестивалски денови низ повеќе од 60 содржини и манифестации, фестивалот го разиграа преку 1200 учесници од Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Италија, Ирска, Грузија, Мексико и Чиле.
Фестивалот „Илинденски денови” во 2017 година стана единствен фестивал од Македонија што поседува Сертификат за интернационален фестивал и е дел од големото светско семејство на фолклорни фестивали на CIOFF – International Council of Organizations of Folklore Festivals.