На денешен ден 1997 година во Скопје почина еден од најплодните македонски писатели, патописец, поет, раскажувач и романописец за деца и возрасни, Видое Подгорец, струмичанец роден на 8 јуни 1934 година во селото Колешино.
„Во селската црква „Свети Спас“ и до ден денес постои една стара веќе пожолтена книга со список на сите родени и умрени селани. Некаде во средината на таа книга е запишано дека сум роден во месец јуни, на осмиот ден, во 1934-то Господово лето“ – вели за себе Видое Подгорец во книгата „Писателите за себе“ ( Скопје: Панили, 2010) од Тамара Арсовска.
Во сиромаштија, неизвеност и години на војни и окупации, започнува животната врвица на Подгорец. Во неговата биографија пишува дека основно училиште завршува во родното Колешино, а Виша педагошка школа во Штип. Со неполни шеснаесет години почнува да работи како учител (едно полугодие) во училиштето во село Босилово, струмичко.
Најблискиот пријател на Подгорец, писателот Киро Донев, во книгата „Незавршена приказна за Видое Подгорец“, запишува сведоштво на тогашниот директор на училиштето Сандо Костов:
„Го примив на работа и му дадов да води второ одделение. На домување го земав кај мене. Бевме цимери. Живееме во иста одаја под кирија. По неколку дена, откако се опушти малку, ми покажа две тетратки во кои грижливо беа запишани неговите стиховни творби. Ми ги даваше да ги читам. На вечер, до доцна во ноќта, седеше, пишуваше нови. Ми кажуваше кои од запишаните стиховни творби биле објавувани во училишните ѕидни весници. Објавена збирка со песни сé уште немаше, но ја подготвуваше. Под секоја напишана стихотворба, покрај името, стоеше Подгорец. Го прашав што му значи тоа „Подгорец“. Ќе се насмееше, па како на шега ќе речеше: „Па што знам, јас сум од Подгоријата, моето село е подгорско, под подножието на Беласица. Го сакам тој предел со природната убавина што извира од Беласица, ме инспирира. Па, ете така…“
Токму Беласица станува извор на негова најголема инспирација. Восхитувајќи ѝ се на планината, истовремено со стравопочит ја набљдувал, додека неговиот татко му раскажувал за нејзиното славно минато. Со возбуда ги слушал приказните за големата планина која во неговите очи, а подоцна и во неговото дело, добива димензии на митско место. На нејзините падини гнездо свиле и историјата и митологијата, а во подножјето течел еден сиромашен селски живот во хармонија со природата, живот облагороден од жуборот на големиот водопад. Испреплетени љубовта, восхитот и почитта, подоцна ќе изродат дела во кои силно се чувствува подбеласичката ладовина. Таа ладовина најсилно се чувствува во неговото антологиско дело, трилогијата „Белото Циганче“ (1966), која е преведена на повеќе светски јазици. Самиот автор вели дека идејата за „Белото Циганче“ кај него се раѓа некаде во почетокот на шеесеттите години кога го пишува расказот „Бреско“, објавен во книгата „Неспокојно детство“:
„Белото циганче“ е едно мое оддолжување спрема светот на моето детство и воопшто спрема светот на Циганите што ги познавав и што не ги познавав“ (Арсовска 2010:226).
Сликите на парталавите голомешести и босоноги Циганчиња кои секое лето се населувале во Мадра, кај селските гумна, во творечкиот свет на авторот стануваат синоним за животот, за жедта по него и за страста со која се живее:
„Тие беа наша врска со светот, еден вид подвижен мост. Тие доаѓаа како свежи ветрови да го растераат застоениот воздух и да донесат мириси на далечни, непознати, но убави плодови“, ќе каже Подгорец. Приказните на стариот дедо Реџо, добродушниот и ведар Циганин со „богата циганска душа“, останале во потсвеста на детето Видое, за подоцна да оживеат во ликот на баба Мулон и да ја раскажат најубавата сага некогаш одамна одживеана во подножјето на Беласица. Писателот не можел да избере поубав и подостоинствен начин за да ѝ се оддолжи на планината и воопшто, на родината.
Навраќајќи се назад во неговата биографија среќаваме податоци дека во 1956 година Подгорец завршува учителска школа „Гоце Делчев“ во Штип, а во јуни 1959 година дипломира и на Филозофскиот факултет, на групата за југословенска литература. Три години потоа работи како училишен инспектор за Штипската околија, а во 1960 година се вработува во НИП „Нова Македонија“, во редакцијата „Детска радост“. Заедно со Симон Дракул, Миле Марковски и Славчо Темков го уредуваат списанието „Наш свет“. Во периодот од 1967 до 1969 го уредува списанието Другарче, а потоа заминува во издавачката куќа „Наша книга“ (како одговорен уредник на издавачка дејност) и на тоа место останува до пензионирање. Токму издавачката куќа „Наша книга“ во 1969 година ќе објави 10 тома избрани дела од Видое Подгорец. Неспорен е неговиот огромен влог во формирањето и издигнувањето на македонските списанија за деца. Благодарение на квалитетните содржини соодветни со возраста на децата, содржини кои ги задоволуваа воспитно-образовните, етичките и естетски критериуми, списанијата на „Детска радост“ беа репер за тоа што значи квалитетна литература за деца. На страниците на тие списанија објавуваа, тогаш, млади автори, кои денес се веќе на листата на втемелувачи на македонската литература за деца. Од биографијата на Видое Подгорец го издвојуваме и фактот дека од 1958 година станува член на Друштвото на писателите на Македонија.
Видое Подгорец е најплодниот македонски писател кој зад себе остави дела како патописец, поет, раскажувач и романописец за деца и возрасни. Само во првите десетина години од својот творечки живот има објавено над триесетина наслови. Неговите дела се преведувани на повеќе светски јазици: српски, хрватски, словенечки, турски, албански, руски, украински, полски, чешки, словачки, бугарски итн. Добитник е на повеќе високи награди и признанија меѓу кои: „13 Ноември“, „Читателска значка“ (Љубљана), наградата „Климент Охридски“, „Курирчек“, „Младо поколение“ (1966) како и наградата на РТВ Скопје за најдобра книга за деца меѓу две Струги 1984-1985 (награда која се доделувала во рамки на Струшки вечери на поезијата) за книгата „Бигорна љубов“.
Подгорец започнува да пишува уште додека учи во учителската школа во Штип, а малку подоцна, непосредната работа со децата (како учител) ќе изврши големо влијание за неговата определба за детската литература. Кога како момче физички го напуштил родното Колешино, Подгорец со себе си го понел и своето детство, а во родното огниште како да оставил жар во пепелта, која и по години од неговото заминување останала жива и топла. Првата болка од разделбата со родниот крај ќе ја почувствува кога како тринаесетгодишно момче заминува на учителска школа во Штип, градот за кој самиот ќе каже дека му прилега на „старец кој прележал некоја тешка болест, но без надеж да оздрави “. Судбината на интернатските деца не била ни малку лесна, самиот Подгорец вели дека приказната за интернатот е „долга и тажна“:
„Имав чувство дека тука беа најдени само нашите тела, без душите. Душите ни беа останати во нашите планински гнезда, по селата, по нивјето, ливадите, овошните, градини, лозја, потоци. Личевме на стадо овци без овчар“- се исповеда Подгорец во своето последно интервју, во својата за емисијата „Траги во времето“ на Радио Скопје, со Љупчо Стојменовски, емитувана на 3.2.1994 година.
Но токму таму, во старата и распадната интернатска зграда, распнат меѓу тагата по родниот крај и жедта за знаење, зад старата дрвена врата на заборавената библиотека, Видое го открива чудесниот свет на книгата:
„За мене Штип одигра пресудна улога во однос на литературата. Во тоа време додека јас бев во интернатските прстории, открив една стара, речиси веќе заборавена библиотека, со книги на повеќе јазици. За мене тоа претставуваше едно непроценливо богатство“.
Подоцна, за да му се оддолжи на градот во кој се подготвуваше да стане учител, тој ќе ја напише повеста „Првото писмо“.
Подгорец до последниот здив пишуваше за децата. Само детето во него останало единствено жив и тогаш кога животот во него гаснел. Тоа дете и денес живее на страниците на неговото дело, трча по ливадите, учи за природата, го љуби животот, ги шири рацете, за да го освои светот со својата наивност и добрина. Детството е нашата изгубена прататковина по која постојано трагаме. Писателот, го зема зборот, го нарамува како најостра коса и тргнува да ги расчисти зарастените патеки, кои треба да го однесат до бунарот, на чие дно сè уште извира водата што ја гасела жедта на уморното дете. Тој бунар, обраснат со трње и глог е сè уште жив, ја чува во себе животворната вода на детството. Токму тоа го знаел Видое, кога катаноќ на слаба ноќна светлина, ги откривал тајните патеки на детството, а на единствениот пријател, Киро Донев ќе му каже:
„Детството, Кирчо е многу поширок поим, за него не може сѐ да се каже во пет реченици. Зашто, всушност и никогаш не завршува. Кога ќе му минат годините, тоа продолжува во соништата… Затоа јас уште сум дете, или секогаш ќе настојувам да бидам поблиску до детството. Ако не со друго, тогаш, со она што го пишувам…“
Според зачуваните документи, првата објава на Подгорец е песната „Убава е пролетта“, објавена во 1952 година во весникот „Титов пионер“ бр.2, а авторот се потпишува како Видое Димитровски – Подгорец. Изданието на весникот „Титов пионер“ од 1951 година, во некои извори се споменува како место на првата објава на Подгорец. Имајќи го на увид весникот (од архивата на Киро Донев) можеме да воочиме дека во тој број нема објавено песна од Подгорец. Во 1954 година во весникот „Титов пионер“ бр.2 на стр.3, ја објавува песната „Смелиот скијач“, а во бр.4 истата година, под името Видое Димитровски – Подгорец излегува песната „Дојде пролет“. Истата 1954 година во истиот весник „Титов пионер“ бр.5, авторот ја објавува песната „Горска веселба“ и за првпат до своето име го додава својот книжевниот псевдоним и станува Видое Подгорец.
Првата книга поезија за деца насловена „Развигорче“, Подгорец ја објавува во 1956 година во издание на „Детска радост“ при НИП Нова Македонија. Во 1958 година излегуваат три негови книги: првите две книги поезија за возрасни: „Уморно лето“ и „Мугри над тополите“, како и „Прости ми канаринке“ (раскази за деца) во издание на „Детска радост“. Долг е списокот на наслови и книги што во својот релативно краток живот зад себе ги оставил писателот Подгорец. Со право Киро Донев констатира:
„Со по две новообјавени книги секоја година ѝ се оддолжувал на државата! Но, на неговата работна маса останаа уште тринаесетина подготвени ракописи за печат“.
Животниот пат на Подгорец завршува на 14 април 1997 година во Скопје.