Следната среда на 22 февруари градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов времено „ќе се повлече“ од управувањето со градот, а клучот ќе им го предаде на струмичките карневалисти кои во 18:30 часот ќе го означат стартот на карневалските празнувања во Струмица. Почнува „Струмичкиот карневал 2023“, а во осумте дена Александар Цицимов со својот тим ќе организираат повеќе активности поврзани со вековниот карневал на струмичани.
„И годинава имаме солидна бројка на пријавени од 41 учесници, се разбира најголем дел се наши домашни учесници, а им се придружуваат и групни маски од Србија, Црна Гора, Хрватска, Босна и Херцеговина, Бугарија и Грција и од повеќе градови во државата. И ова година како гости ќе бидат присутни и претставници на FECC од неколку европски земји. Додадена вредност на годинашното издание е и вмрежувањето меѓу ученици од основни и средни училишта од различна етничка припадност при изработка на маските. Годинава се вклучени ученици од средното училиште „Моша Пијаде“ од Тетово, а заедничка маска подготвуваат и учениците од општинските основни училишта „Сандо Масев“ и „Маршал Тито“ од Струмица. Ова ни дава за право да бидеме убедени дека ќе имаме убава карневалска атмосфера, исполнета со прекрасни карневалски креации и со многу домашни и странски гости“ – кажа градоначалникот Костадинов.
Презентирајќи ја програмата на Струмичкиот карневал, претседателот на Организациониот одбор Александар Цицимов кажа дека главен акцент се става на традиционалниот Маскенбал, кој ќе се одржи на 24 февруари во хотелот „Сириус“, каде до сега се пријавени 350 учесници и на Интернационалната карневалска вечер со над илјада учесници. На Маскенбалот ќе се бираат принцот и принцезата, кои заедно со кралот и неговата свита ќе ја предводат карневалската поворка на Главната карневалска вечер, која има и натпреварувачки карактер, а најдобрите маски ќе се соопштат во вторник на 28 февруари, на денот кога некогаш се одржуваше карневалот во Струмица.
Цицимов информираше дека годинава е голем интересот и за Детскиот карневал, кој традиционално се одржува на празникот Прочка (недела), и годинава најмладите карневалисти ќе треба да се пријават за да учествуваат. Во понеделник на 27 февруари е Чист понеделник, на плоштадот ќе се поделат околу 3000 порции бел фасуљ, во вторник ќе има карневалско корзо. Струмичкиот карневал ќе трае до среда, 1 март, до тримерскиот ручок.