Во исклучително топла и срдечна атмосфера, завчера во Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, Турција младата струмичанка Ивана Мазнејкова имаше свој концерт на пијано.
Бурни аплаузи, реакции на пријатно изненадување после големите пасажи, заедничко пулсирање и радост преовладуваше кај публиката додека ги слушаа изведбите на девојката од Македонија.
Концертната програма на Мазнејкова е селектиран избор кој опфаќа различни музички периоди и стилови, а пред истанбулската публика беа изведени дела од Бах, Бетовен, Давиташвили и Николовски.
Концертот го отвори директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, Диме Ратајкоски кој кажа дека овој концерт се реализира со поддршка на Министерство за култура при македонската Влада.
Ивана Мазнејкова е млада и талентирана македонска пијанистка, родена во 2006 година во Струмица. Почнала да учи пијано на рана возраст под водство на нејзините родители – учители по пијано. Ивана има настапувано на над 190 концерти, натпревари и фестивали низ Европа, со што се етаблира како перспективен уметник на меѓународната сцена. Изведувала во 19 земји и била поканета на престижни настани и фестивали, вклучително и како солист со оркестарот на Македонската филхармонија.