Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска денеска се сретна со градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов кои разговараа за моменталната состојба со новата Детска градинка во селото Ангелци.
Разговорите беа во насока на прецизирање на решенија и конкретни активности за санариње на одредени недостаци констатирани пред извесен период, за да може истата да се стави во функција.
По состанокот во кабинетот, министерката и градоначалникот, заедно со директорот на Детската градинка „Прва радост“, Игорчо Илиев на лице место направија увид во моменталната состојба, по што беше договорено општината да интервенира, да се санираат недостатоците и да се подготват неопходните акти, како би се исполниле стандарите и условите за официјално отпочнување со работа.
На состанокот се разговараше и за моменталниот статус и идните чекори за реализација на проектот „Реконструкцијата на објектот на старата Полициска станица во населеното место Добрашинци“, проект за кој Општина Василево има обезбедено средства преку Министерството за труд и социјална политика.
„Со градоначалникот на општина Василево, Славе Андонов разговаравме за предизвиците со кои се соочуваат жителите на оваа општина, кои се во областите во надлежност на Министерството за труд и социјална политика. Ја посетивме новата Детска градинка во село Ангелци, чија изградба е завршена и за која Министерството вложи околу 15 милиони денари за градежни работи и опрема, како дел од Програмата за изградба опремување и одржување на објекти за детска заштита 2020 година. Оваа градинка има капацитет да згрижи 55 деца од предучилишна возраст“, истакна по средбата министерката Тренчевска.