Кога ќе слушнете дека некој слави јубилеј 30 години во својата работа, ќе помислите дека е многу возрасен човек, а посебно ако е сликар. Има 46 години, на 16 години во 1992-та година ја нацртал својата прва слика. Уметникот Марјан Ѕингаров, струмичанец, синоќа во Градската уметничка галерија во Струмица, пак направи Изложба на своите дела, нацртани, насликани во изминатите 30-години.
Има создадено многу слики, ни самиот не им ја знае точната бројка. Повеќето се украс на ѕидови во приватни домови, компании, установи. Ѓорѓи Калајџиев вели дека Ѕингаров морал многу слики да побара од новите сопственици, да им ги откачи од ѕидовите и да ги донесе во изложбениот простор на Градската уметничка галерија за да својата јубилејна изложба им ја презентира на струмичани и сите љубители на сликарството.
За Ѕингаров говореше писателот и драматург Сашко Насев, директор на Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, каде тој уште од студентските години живее и твори. Говореше и неговиот пријател од детството, поетот со светско реноме, Никола Маџиров.
„Како на шега поминаа 30 години од денот кога она 16-годишно момче посака да стане голем и познат уметник. Голем станав на години, познат сум во влезот на зградата во која живеам… а уметник – тоа сѐ уште се трудам да станам“, ќе каже за себе Ѕингаров.
Уметникот Марјан Ѕингаров е роден 1976 година во Струмица. Дипломирал во 2002 година на НХА Софија, во класата на проф. Иван Газдов. Магистрирал во 2005 година на истата академија во Софија, специјалност „Плакат“, во класата на проф. Димитар Тасев.
ФОТОГАЛЕРИЈА