Почитувани граѓани,
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска ја завршува изборната кампања за Парламентарните избори.
Водевме скромна и позитивна кампања кадешто ги промовиравме нашите конкретни мерки од изборната програма Проглас за достоинствена Македонија.
Наша оценка е дека ги исполнивме целите на кампањата и дека мерките од нашата изборна програма ги пренесовме до сите граѓани на Македонија кои ги препознаваат нашите конзистентни политики.
Во оваа прилика сакам да им се заблагодарам на сите членови, симпатизери и поддржувачи кои учествуваа во сите активности на кампањата.
Почитувани граѓани,
Денеска сакам уште еднаш да ги реафирмирам државните приоритети на Движењето ЗНАМ За наша Македонија:
I). Врвен државен приоритет на Движењето ЗНАМ За наша Македонија е на овие избори да се избере Претседател на Македонија.
Ги повикуваме сите граѓани масовно, во што поголем број да излезат на гласање и својот глас да го дадат за кандидатот по свое убедување.
II). Приоритети на Движењето ЗНАМ За наша Македонија за отпочнување на разговори за формирање и функционирање на идната Влада во мандатот 2024-2028 година се:
1.Дефинирање на македонските национални црвени линии на патот кон евроинтегративните процеси.
Заштита на јазикот, историјата, идентитетот, културното наследство во сите фази на преговорите.
Парламентот да усвои Декларација за националните македонски црвени линии (по примерот на Бугарија).
2.Измена на Уставот на државата како услов за отпочнување на преговорите со ЕУ, со одложена примена на уставните амандмани после приемот на Македонија како полноправна членка на ЕУ.
3.Движењето ЗНАМ за наша Македонија нема да партиципира Влада во која ДУИ би била коалиционен партнер.
4.ПРАВДА ЗА СИТЕ, НУЛТА КОРУПЦИЈА И БОРБА ПРОТИВ ОРГАНИЗИРАНИОТ КРИМИНАЛ
Незастарување на делата за криминал и корупција. Враќање на укинатите одредби од Кривичниот законик и зголемување на казните за злоупотреба на службена положба и овластувања со казна затвор од минимум 10 години.
5.Македонија треба да ја градиме како држава со мултиетничко општество со еднакви права и обврски на сите граѓани кон државата. Да се отфрли наметнатиот наратив од албанскиот политички фактор дека Македонија треба да биде биетничка држава во која живеат две мнозинства и повеќе малцинства.
6.Македонија да ја направиме самоодржлива држава.
МОРАМЕ САМИТЕ ДА СИ ОБЕЗБЕДИМЕ ЕНЕРГИЈА, САМИ ДА ЈА ПРОИЗВЕДУВАМЕ ХРАНАТА ЗА НАШИТЕ ПОТРЕБИ
Почитувани граѓани,
После првиот круг на Претседателските избори Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, преку Вашата огромна поддршка давајќи го гласот за мене се етаблира како НОВА политичка сила во Македонија.
Сега ја барам Вашата поддршка уште посилно да го поддржите Движењето ЗНАМ За наша Македонија на претстојните Парламентарните избори во среда на 8 мај.
Ве повикувам, сите граѓани на Македонија, без разлика на националната, верската, политичката или било која друга припадност, масовно да излезете на изборите на 08 мај и да гласате за кандидатските листи на Движењето ЗНАМ За наша Македонија, да го заокружите бројот седум (7).
Ве повикувам да ни се придружите и да дадете поддршка на вистинската, НОВА политичка сила во Македонија, новата опција, Движењето ЗНАМ да биде уште поголем фактор за стабилност на владата на Македонија и да го зачуваме националното достоинство.
Гласот за Движењето ЗНАМ За наша Македонија на овие Парламентарни избори ќе биде глас за стабилност и просперитет на Македонија.