Струмичката интернационална ѕвезда, легендата на македонскиот фудбал Горан Пандев денеска беше во посета на реномираниот Фудбалски клуб „Црвена Звезда“ во Белград, кој во придружба на претседателот на клубот, Светозар Мијаиловиќ ги посети просториите на клубот, музејот и уште еднаш ја потврди љубовта кон Црвена Звезда, објавија од клубот.
„Како дете ја сакав Црвена Звезда и навивав за неа. Звезда е голем клуб и за него играа големи играчи. Има неверојатна историја. Среќен сум што сум тука. Би сакал да му се заблагодарам на претседателот Светозар Мијаиловиќ и на сите во клубот. Ќе го ставам дресот на Звезда во колекцијата, мојот музеј. Ми недостасуваше црвено-белиот дрес со моето име, навистина сум среќен“ – изјави Горан Пандев.
Музејот на Црвена Звезда остави неверојатен впечаток кај Горан Пандев, а поранешниот фудбалер на Лацио, Интер, Наполи, Галатасарај, Џенова и Парма верува дека овој клуб повторно ќе го освои пехарот на европскиот клупски шампион.
„Музејот е прекрасен. Видов се што освои клуб како Црвена Звезда, тоа е историја. Секогаш ќе биде запишано во книгите. Купот на Лигата на шампионите е врвен успех на секој клуб и фудбалер. Знам колку навивачите на Црвена Звезда го сакаат клубот, за нив Звезда е се. Се надевам дека што поскоро ќе ја освојат Лигата на шампионите, бидејќи Црвена Звезда тоа го заслужува“ – вели Пандев за клубскиот веб сајт.
Претседателот на Црвена Звезда, Светозар Мијаиловиќ со широка насмевка го поздрави рекордерот по број на настапи и голови на македонската репрезентација и изрази големо задоволство од гостувањето на Горан Пандев.
„Голема чест и задоволство е Црвена звезда да биде домаќин на Горан Пандев, играч кој ја одбележа кариерата во Италија и носител на европскиот трофеј. На крајот од професионалната кариера тој се посвети на фудбалот благодарение на приватната академија со која нашиот клуб има извесна соработка. Горан Пандев е „звездаш“ и со големо задоволство слушаме дека сакал да игра на Маракана, како и што жали што тоа не се случило. Желбата му се исполни со посетата на нашиот клуб, музејот, каде се запозна со историјата на Црвена Звезда. Од неговата изјава и разговор слушнавме дека е воодушевен“ – изјави Светозар Мијаиловиќ.
Преземено од: www.crvenazvezdafk.com