Денеска е 23-ти Октомври, Денот на македонската револуционерна борба и 131 година од основањето на Македонска Револуционерна Организација во Солун во 1893 година.
Ден за поклонување пред големиот чин на шестемина македонски синови кои возљубени во татковината, направија огромен исчекор кон слободарското изгрејсонце и самобитноста на родната грутка.
На 23 октомври 1893 година во Солун била основана Македонската Револуционерна Организација (МРО), со цел за извојување автономија на Македонија преку револуционерна борба.
Врвна точка на дејноста е организирањето на Илинденското востание во 1903 година во Македонија. Основите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври – според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун.
На основачкиот состанок присуствуваат: Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско.
Основачите почнуваат да ги шират овие револуционерни идеи меѓу прогресивната младина во Солунската бугарска машка гимназија. Набргу учениците во гимназијата создаваат кружоци, конспиративни групи и др. По завршувањето одат по своите родни места и таму почнуваат да агитираат.
Младите студенти и нивните професори стануваат стожерот, односно движечката сила на македонската револуција. Емисарите вршат обиколки по селата во Македонија и Одринска Тракија и формираат месни комитети.
Откако на овој начин се формирала структурата на организацијата, се започнало со процесот на создавање вооружени чети и почнале набавки на оружје по илегални канали од Бугарија и Грција.
По тој повод денеска во организација на Општина Струмица во Домот на АРМ со почеток во 10:00 часот ќе се одржи мала свеченост на која ќе се говори за историографијата на овој ден. Ќе се чита револуционерна поезија, а свој настап ќе имаат млади музичари од ОМУ „Боро Џони“ и играорците на ансамблот „Фолклорна низа“.