„Нека 8-ми Септември – Денот на независноста, нашиот трет Илинден биде причина да се потсетиме дека сме го добиле тоа што го заслужуваме. Но, Татковината и граѓаните треба и во иднина да заслужат уште многу убави мигови, денови и години, посреќни од изминатите 33. Дали ќе биде тоа така, тоа зависи само од нас“ – порача заменичката на градоначалникот на општина Струмица, Елена Магеровска Паликарова на денешната свеченост по повод 33 години од независноста на Македонија што се одржа пред големиот споменик на великанот на македонското револуционерно дело и државност Гоце Делчев на плоштадот во Струмица.
Магеровска Паликарова говореше и за историографијата на празникот, за создавањето на независноста на Република Македонија во годината 1991, за придобивките, но и проблемите со кои се соочи Македонија од соседните земји, веднаш по референдумското изјаснување на граѓаните кои 95% кажаа „ДА“ за независна Република Македонија.
На свеченоста, претставници на Советот на општина Струмица, на политичките партии, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ – За наша Македонија, на Сојузот на борците и нивни поддржувачи од Струмица положија свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев, а одбележувањето беше збогатено со рецитал за Денот на независноста во интерпретација на членови од Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица.