Првичните резултати по извршената обдукција над 83-годишната струмичанка М.Б., која во петокот попладне беше пронајдена мртва во својот дом на улицата „Димитар Цветинов“, покажале дека таа била задавена или задушена, а имала и две скршени ребра, односно смртта настапила по насилен пат. Во куќата нема знаци за насилен влез, но е видливо претурање по лични предмети, велат од ОЈО Струмица.
Од струмичкото Јавно обвинителство не соопштуваат повеќе детали во интерес на истрагата, бидејќи се работи на расчистување на случајот и откривање на сторителот или сторителите на ова убиство. Непосредно по настанот, Основното Јавно обвинителство Струмица извршил увид на лице место и биле подигнати траги кои веќе се предмет на вештачење.