Општина Струмица денеска ја одбележа 152-та годишнина од раѓањето на Апостолот на македонското револуционерно движење за ослободување од турското ропство, Гоце Делчев. Свеченоста се одржа на плоштадот во Струмица кој го носи неговото име, а за Гоце говореше градоначалникот Костадин Костадинов.
Говорејќи за Делчев, Костадинов потенцираше дека од тој денешен ден започнува да се испишува една неверојатно бесценета биографија за еден грандиозен лик во историјата на Македонија, да се нижат најзначајните страници на таа наша историја кои изобилуваат со висок патриотизам.
„Гоцевите соништа останаа недосонувани. Но сите ние, неговите потомци во името на неговите слетни соништа со гордост ги прераскажуваме епизодите од неговиот живот и неговото револуционерно дело. Таквото прераскажување на вистината за Гоце траело, трае и ќе трае се дури постојат Македонците на оваа наше парче македонска земја наречена Македонија. Дај Боже да трае и за вечни времиња. Затоа велиме дека Гоце Делчев и денес е жив. Тој живее секогаш во нашите души. Тој живее и денес кога ја одбележуваме 152-годишнината од неговото раѓање и со пиетет повторно зборуваме за него, како Апостол на македонското револуционерно движење, како најголем македонски син и како вистински урнек за тоа, како се чува, како се негува љубовта кон Македонија. Сите ние на таа љубов да возвраќаме со љубов. И овој споменик да си го почитуваме како што треба и како што одликува, затоа што навистина е чест и привилегија, но и голема одговорност да се биде Македонец“ – кажа градоначалникот Костадинов.
На свеченоста по повод роденденот на Гоце Делчев, градоначалникот и членови на Советот на општина Струмица, на Сојузот на борците, јавни институции, училишта, здруженија на граѓани и политички партии, положија свежо цвеќе пред големиот споменик на револуционерот, а рецитал за Гоце читаа ученици од ООУ „Гоце Делчев“ од Вељуса.