Општинското основно музичко училиште „Боро Џони“ од Струмица синоќа го одржа својот завршен концерт, во чест на својот патрон, со кој ја одбележаа 82-годишнината од смртта на Боро Џони и 74 години од основањето на музичкото училиште во Струмица, a годинава посветен на една скршена младост, како што кажа директорката Клара Патарова, младоста која умееше да ги сплоти луѓето и чија енергија е се присутна, нивниот колега Џоко Ѓоргиев, член на бендот на ДНК кој трагично загина во страотниот пожар во Кочани. Со едноминутно молчење за Џочето го започнаа овој традиционален настан на кој покрај градоначалникот Костадин Костадинов и членови на Советот на општина Струмица, во публиката беа и синот на патронот Боро Џони, Илија Џонов, внукот Боро Џонов и Габриела Џонова.
И годинава беше доделена традиционалната награда „Најдобар ученик“ од семејството на Боро Џони, востановена уште во 2012 година, а наставничкиот колегиум на училиштето одлучи за учебната 2024/2025 година да ја добијат Јана Витларова од класата на проф. Зоран Мазнејков и Васил Попов од класата на проф. Васко Пиличев. Наградата ја додели внукот на патронот, Боро Џонов.
На свеченоста беа претставени и доделени признанија на најуспешните ученици кои со освојувањето на многуте награди во Македонија, Германија, Италија, Србија, Бугарија, придонеле за афирмацијата на музичкото училиште „Боро Џони“ и општина Струмица во изминатата учебна година.
На полуматуратката Ана Мазнјекова, која го завршува основното музичко училиште и беше доделена Плакета за континуиран успех во текот на музичкото образование.
Директорката Патарова ги претстави и тројцата најдобри наставници кои во ноември на 7-та Конференција на „најдобри наставници и директори“ насловена „Светот на образованието ги брише границите“, која се одржа во Хрватска, и беа меѓу 21 наградени од над 200 учесници, Ана Цунева, Васко Пиличев и Костадинка Ончева, а директорката Клара Патарова беше прогласена за најдобар директор.
Дел од учениците изведоа неколку музички дела од познати светски автори, Дебиси, Павин, Рахмањинов, Шопен, Комаровски, а во завршниот настап настапија ученици од училишниот оркестар на народни инструменти со темата „Ситна лиса“. Публиката беше воодушевена од настапите на младите струмички таленти, а професорите беа со своите ученици и ги бодреа.
Директорката Клара Патарова, кажа дека задоволството од реализацијата на овој годишен концерт е уште поголемо кога се знае дека се става точка на една исклучително успешна учебна година, која е всушност продолжение на низата такви години кои се веќе зад нив.