Денеска во Европската куќа во Струмица се одржаа книжевни разговори на кои говореа проф. д-р Игор Станојоски, универзитетски професор, лингвист и книжевен преведувач и м-р Звонко Димоски лингвист, критичар и книжевен преведувач.
Поводот е промоцијата на последниот двоброј на списанието „Зенит“, во кој доминантна тема е војната како топос во литературата. Во овој број на „Зенит“, Станојоски и Димоски се појавуваат како автори на книжевните препеви на поезија од украински автори.
Десетина современи украински поети се застапени во најновиот двоброј на списанието „Зенит“. Тие се автори кои изминатите десет месеци творат под татнежот на бомбите и под звукот на истрелите, а својата најнова поезија со призвук на пркос ја објавуваат во меѓународното списание за наука, литература, култура и уметност „Зенит“ во издание на Здружението „Иван Василевски“ од Струмица.
На книжевните разговори Станојоски и Димоски говореа и за книжевниот превод како посебна форма, за предизвиците пред кои се исправени преведувачите, за моралот на еден преведувач и основните начела од кои се води, за можностите на македонскиот јазик во однос на доминантните светски јазици.
Двобројот „Зенит“ е поделен на две целини: „Слика 1“ со интервјуа, поезија, проза и репродукции во кои се зборува за војната и „Слика 2“ со стандардните рубрики на списанието.