„Качете се во електричните автобуси“, со оваа покана градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов ги повика струмичани масовно да го користат новиот јавен превоз со модерни електрични автобуси кои ќе сообраќат на територијата на општина Струмица, во градот и населените места.
Од денеска со свеченоста по повод воведувањето на јавен превоз и пробното возење низ улиците на градот, Струмица станува првата општина на балканот која воведува целосно електричен јавен градски превоз.
Најавата на директорот на ЈСП „Струмица Транспорт“, Драги Поп-Стојанов е дека првиот месец ќе биде пробен тест период да се видат функционалноста на линиите кои за почеток се поставени, времето на застанување на одредена постројка, ќе се следи потребата на граѓаните кои линии се функционални или ќе има потреба од нивна измена, ќе се работи на обележување на хоризонтална и вертикална сигнализација, утврдување и поставување на места, односно постројќи. Во тој период граѓаните можат слободно, бесплатно да се возат во автобусите.
Градоначалникот Костадинов вели дека овој проект не е само транспортно решение, туку инвестиција и по здравјето и благосостојбата на нашиот народ, нашите деца и генерациите што доаѓаат, придобивките не се само еколошки.
„Со изградба на автобуската база во чии рамки ќе бидат поставени фотоволтаични колектори на 5.000 метри квадратни кровна конструкција, со зелена енергија во целост ќе ги задоволиме потребите од полнење на електричните автобуси, без дополнителни трошоци. Ова во пракса значи дека ќе ги намалиме оперативните трошоци и ќе создадеме заштеди што може да се реинвестираат во други витални области. Покрај ова, со вишокот енергија ќе ги осветлуваме улиците на Струмица, со што ќе го олесниме буџетот на граѓаните. Создаваме систем кој нуди вистински финансиски заштеди за струмичани, обезбедувајќи пристапно превозно средство за учениците, за вработените, за семејствата. Градиме отпорен, издржлив, економски здрав систем на јавен транспорт кој ќе биде од корист за сите наши граѓани, уште многу години“ – кажа Костадинов.
Засега планирани се 7 линии од кои 6 се редовни, а едната ќе се користи само во недела и празници. Шестте линии ги опфаќаат сите населени места во општина Струмица. По пробниот тест период возењето во еден правец ќе чини 30 денари – прва зона која го опфаќа градот Струмица и 60 денари – втора зона која ги опфаќа населените места во општина Струмица. Ќе има и месечна карта, а планирано е и денови за бесплатно возење за постарите граѓани, односно пензионерите, како и на лицата со посебни потреби.
Граѓаните ќе можат преку скенирање на QR-код на својот мобилен телефон да ги видат линиите, местата (постројките) каде ќе застануваат автобусите, во кое време, како и да го следат нивното движење.
Автобусите се адаптирани спрема улиците и конфигурацијата на градот Струмица и тие не се стандардни, туку малку пократки со должина од 8,5 метри и со капацитет за 55 луѓе.