Во далечната 1925 година во Струмица една голема група семејства – бежанци, кои претходно биле принудени да ги напуштат своите огништа во кукушко и дошле во тогашниот мирен крај во струмичко, се решиле да изградат нешто што ќе им биде место за молитва – светилиште на сплотеност, надеж и идентификација.
„Изградбата на Католичката црква не била само архитектонски подвиг, таа претставувала и физички изглед на духовното обновување на еден народ распарчен од страдања, но обидинет од заедничката желба да ја зачува својата вера. Иако ресурсите биле ограничени, заедничкиот труд и солидарноста овозможиле црквата брзо да стане место за верски живот, социјална поддршка и духовен раст“ – кажа отец Спасо Ристов еден од авторите на Монографијата „100 години парохија Успение на Пресвета Богородица во Струмица“, која беше промовирана синоќа во Католичката катедрала пред голем број верници и пријатели на Католичката црква, а во присуство и на монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх.
Говорејќи за почетоците, но и улогата на Католичката црква во Струмица, отец Спасо Ристов кажа дека таа се разви во клучна институција, која не само што ја задржа религиозната традиција, туку активно учествува во обликувањето на заедничкиот живот.
На промоцијата на Монографијата говореше и отец Георги Трајков, поранеше парох кој цели 30 години служеше во Католичката катедрала во Струмица и заедно со отец Спасо Ристов се автори на монографијата. Говореше и сестра Тереза Стојкова за улогата на сестрите Евхаристинки во Католичката катедрала во Струмица, а за историскиот развој на Католичката црква говореше дрматургот Ацо Гогов.
Заблагодарувајќи им на сите кои учествувале и помогнале во создавањето на Монографијата за големиот јубилеј на парохијата во Струмица, монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх, обраќајки му се на верниот народ говореше за историскиот развој на Католичката црква од источен византиски обред во Македонија, спомнувајќи личности и настани важни за нејзиниот развој, но и за парохијата „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица.
„Всушност тое е родинска заедница составена од сите нас заедно, секој своето камче го одложува, како нашите во минатото, така и денес, така и во иднина. Останува на нас да ја градиме оваа црква, жива црква за да оставиме нешто на нашите поколенија по нас“ – порача д-р Киро Стојанов.
Синоќешната промоцијата на Монографијата по повод големиот јубилеј беше збогатена и со настап на Катедралниот хор под водство на Горан Кукиќ.