По повод празникот Воксресение Христово, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов, синоќа служеше воскресна света Литургија во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица.
Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред Катедралата црква и внесување на воскресната свеќа во неа.
Честитајќи им го празникот Воскресение Христово на сите верници, епископот Стојанов врз основа на преданието на Црквата размислуваше со верниот народ за таинството на Воскресението Христово и додаде дека на овој ден Црквата принесува пофални песни, бидеќи го слави спасението. Тој истакна дека меѓу нас е Христос кој воскресна од мртвите и се застапува за нас и нѐ води во заедништво со Бога.