Вечерва во салата на Советот на општина Струмица четирите кандидатите за градоначалник на општина Струмица, Марјан Даскаловски од СДСМ, Петар Јанков од ВМРО-ДПМНЕ, Ристо Цасконоје од Единствена Македонија и Драган Котуровиќ, независен кандидат го потпишаа Кодексот за фер демократски избори со што се обврзаа дека во предизборната кампања ќе ги почитуваат сите закони и прописи, ќе го почитуваат владеењето на правото при организирање и спроведување на изборите, дека нема да вршат никаков притисок врз вработените во јавната администрација и во другите институции и установи. Исто така, се обврзаа дека во предизборниот процес нема да користат говор на омраза и дека нема да вршат дискриминација по ниту еден основ.
Кодексот за фер и демократски избори го потпишаа и носителите на кандидатските листи за членови на Советот на општина Струмица, Александар Илиев од ЗНАМ за наша Македонија, Миле Гогов од СДСМ, Никола Маџунков од ВМРО-ДПМНЕ, Синан Мустафа од Демократска партија на Турците и Ѓорги Танушев од Стига Е. Носителите на кандидатските листи од Левица и Движењето за национално единство на Турците не присуствуваа на потпишувањето на Кондексот.
„Со овој потпишан документ кандидатите се обврзуваат дека ќе се придржуваат кон демократските принципи и ќе водат фер и чесна кампања засновата на програмите и визиите за развој на локалната заедница“ – кажа во своето обраќање Елисавета Пецева, претседателка на Општинската изборна комисија, посакувајќи им на кандидатите мирна и достоинствена кампања и изборен процес и да победи волјата и гласот на граѓаните на општина Струмица.
Првиот круг од Локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а предизборна кампања официјално започнува во понеделник, 29 септември.