По повод одбележувањето на 30 години дипломатски односи помеѓу Република Сецерна Македонија и Република Италија, на 5 јули (среда) од 20:00 часот во малиот градски парк во Струмица ќе се одржи вечер на Италијанска канцона, поезија и дегустација на италијанска храна и пијалоци.
Настанот е во организација на Здружението за промоција на италијански јазик и култура „Кво Вадис“ (Quo Vadis), а во соработка со Амбасадата на Италија и Општина Струмица – „Струмица Опен фестивал 2023“.
Според програмата, на оваа Италијанска вечер ќе биде поставена Изложба од 15 панели на македонски и италијански јазик за животот и најзначајните дела на Перуџино, најпознатиот ренесансен сликар Пјетро Ванучи. Ќе се чита поезија од д-р Марио Де Роза, во препев на студентите од Катедрата за италијански јазик при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, а во интерпретација на Ана Витанова Рингачева, Мариета Дукиќ и Сузана Мицева.
Вечерта ќе биде збогатена и со перформанс на Павле Камилоски со неговиот бенд и со хорот на музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, а на крајот од вечерта е и дегустацијата на деликатеси од Боттега дел густо, Aperol Spritz, Birra Moretti…