„Од сите обичаи од животниот циклус на човекот, раѓање, свадба и смрт, најсвечени и најрадосни биле оние на свадбата. Обичаите што се изведуваат при стапување во брак се главен белег на секоја свадба и тие ја прават секоја различна и посебна. Сите практики што се вршат околу младоженците може да се поделат на оние што се изведуваат пред свадбата, за време на свадбата и после свадбата“ – вели Пенка Мишева – Виш кустос етнолог во НУ „Завод и Музеј“ Струмица отворајќи ја изложбата „Свадбите во струмичко од почетокот на 20 век до 80-те години на 20 век“, која беше поставена во изложбениот салон на струмичкиот Музеј.
Етнолошките истражувања на свадбените обичаи на населението во Струмица и струмичко придонесоа да се собере доволно материјал за поставување на една ваква изложба. Податоците се добиени преку интервју на испитаници, прибирање на податоци и со скенирање и обработка на сочувани стари фотографии од приватни лица и фотографии од архивата на историското и етнолошкото одделение на „Завод и Музеј“ Струмица, а освен фотографии на изложбата се поставени и невестински фустани од тоа време, дарови, чеиз за младите, стари декоративни предмети.
Изложбата струмичани ќе можат да ја видат во наредните 20-тина дена во „Завод и Музеј“ во Струмица.