Од Противпожарната единица на Струмица информираат дека денеска околу 11:30 часот во атарот помеѓу селата Дабиље и Робово интервенирале на гасење на запалено стрниште со површина од околу 2 хектари. Од пожарот била зафатена и речиси целосно изгорена викендица која се наоѓала во тоа подрачје.
Денеска струмичките пожарникари интервенирале и на уште неколку локации во струмичкиот регион каде биле опожарени депонии, сува трева и стрниште.
Поради топлотниот бран и високите температури од ТППЕ Струмица апелираат и на крајна претпазливост, односно граѓаните да внимаваат како се однесуваат во природа, поради опасноста од појава на шумски пожари.
„Апелираме до граѓаните да се воздржат од палење оган на стрништа, растителни отпадоци, сув вегетациски горлив материјал и земјоделски земјишта“, додаваат од ТППЕ Струмица.