Во организација на Здружението „Камерата Ад Астра“ од Струмица од 5 до 10 мај по втор пат ќе се одржи концертна серија „Денови на пијаното – Piano week 2025“.
Како што најавија организаторите годинава се предвидени девет концерти со учесници од Струмица, Штип, Скопје, Ново Село, Валандово, Пробиштип и Гевгелија.
Првиот концерт е во понеделник, 5 мај насловен #Заедно, а ќе се одржи во концертната сала на музичкото училиште „Боро Џони“ со почеток во 19:00 часот. Вториот концерт е следниот ден од 19:00 часот во фоајето на Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, а ќе настапи младата пијанистка Ана Мазнејкова.
За среда, 7 мај закажани се два концерти кои ќе се одржат во концертната сала на ООМУ „Боро Џони“. Првиот концерт е во 17:00 часот со Даријан Тодоровски и Лука Тодоровски, а вториот концерт е во 20:00 часот со Јана Витларова.
Концертната сесија продолжува во четврток, 8 мај со уште два концерти. Во 17:00 часот во музичкото училиште „Боро Џони“ ќе настапат ученици од ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ од Штип под менторство на проф. Славчо Величков, додека вториот концерт ќе се одржи во Центарот за култура „Антон Панов“ од 20:00 часот, а ќе настапат Стефан Ончев и Христијан Гоцев.
Концертната сесија „Денови на пијаното – Piano week 2025“ во петок, 9 мај се сели во детската градинка „Виножито“ во Струмица. Таму од 10:00 часот ќе се одржи „Концерт за деца“. Истиот ден вечерта во 20:00 часот во концертната сала на ООМУ „Боро Џони“ свој настап ќе има Јулија Јанева.
Деновите на пијаното завршуваат на 10 мај (сабота) со концертот #Наши, кој ќе се одржи од 16:00 часот во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.
Концертите се отворени за сите кои ја сакаат, почитуваат и уживаат во музиката создавана за инструментот пијано и истите ќе имаат и инклузивна димензија.