Поранешниот премиер и претседател на СДСМ, Зоран Заев синоќа беше дел од Граѓанската трибина во Струмица што ја организираше СДСМ, но не беше „во ложата“, каде седеа највисоките функционери на централно и локално ниво од партијата, министри и владини функционери, локални директори, бизнисмени. Тој беше со публиката на трибините во Спортската сала „Парк“, меѓу „обичните“ граѓани, сопартијци. Покрај него беа сопругата Зорица и неговиот другар, поранешниот министер за здравство, Венко Филипче.
Портпаролката на СДСМ и модератор на синоќешната трибина во Струмица, Богданка Кузеска го најави неговото присуство во публиката, како човек кој го сруши режимот, креатор на концептот „Едно општество за сите“, човекот кој сѐ што направи за државата е содржано во неговото име и презиме, по што сите присутни станаа на нозе и го поздравуваа со долги аплаузи, извикувајќи го неговото име Зоки, Зоки…
Заев пред една години по Локалните избори си поднесе оставка од функциите претседател на СДСМ и претседател на Владата, него на партиската и државната функција го замени Димитар Ковачевски. Тогаш Заев и јавно се повлече од политиката, сега е еден од основачите и директор на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ од Струмица.