Во опуштена атмосфера, со меѓусебни разговори меѓу кандидатите за советници и граѓаните, со презентирање на проекти и граѓански иницијативи, Општинската организација на ЗНАМ – За наша Македонија од Струмица синоќа ја стартуваше предизборната кампања за Локалните избори на кои оваа партија ќе учествува со листа на кандидати за членови на новиот состав на Советот на општина Струмица.
„Наместо говори каде луѓето само ќе ракоплескаат, ние сакаме да ги пречекаме граѓаните како наши гости. Во таа позиција граѓаните се во можност и да кажат свое мислење за нашата нашата програма, да кажат критика, но и во тој разговор да ги запознаат нашите кандидати за членови на Советот, како личност“ – кажа носителот на кандидатската листа за советници од ЗНАМ, Александар Илиев, потенцирајќи дека многу е важно во Струмица да не се гласа за бренд, партија, туку граѓаните да ги препознаат личностите.
Пред присутните на коктел средбата со граѓаните се обрати претседателот на Општинската организација на ЗНАМ во Струмица, пратеникот Миле Цеков кој ги претстави кандидатите за членови на Советот на општина Струмица.
„Со гордост можам да ви кажам дека како јас што се борам во Парламентот за Струмица во изминатата година ипол и како јас што сум достапен за секој еден од вас, така и идните советници на ЗНАМ ќе бидат достапни за сите вас. Овие луѓе не должат на никој, и тие немаат обврска кон никој. Тие нема да молчат во Советот и нема да бидат ничиј приверзок. Тие ќе се борат за секој еден од вас, ќе се борат за подобра Струмица, и нема да им служат како досега, 35 години на градежно-бизнис елитата којшто мислат дека градот и селата се нивна сопственост. Тие драги пријатели ќе ве застапуват вас и затоа ја барам вашата поддршка за тие млади, угледни, чесни и работливи луѓе да ја дадете и заокружете бројот 2“ – кажа пратеникот Цеков.
Присутните граѓани имаа можност да ги видат промотивните видео спотови, да ја слушнат програмата со кои ЗНАМ и кандидатите за членови на Советот на општина Струмица ќе се претставуваат во наредните 20 дена од предизборната кампања.