Златната плакета за најдобра карикатура и афоризам на 24-от Меѓународен Фестивал на карикатура и афоризам што се одржува во Струмица ја освоија полскиот карикатурист Михаил Грашчук и афористичарот Валентин Димитров од Бугарија. Вака одлучи жири комисијата во состав: Витомир Долински, Ѓорги Панов, Александар Филев, Иван Јовев и Ана Божијанова.
Сребрената плакета за карикатура му ја доделија на Слободан Бутир од Хрватска, а Бронзена плакета на Луис Пол од Австралија. Наградата од Организациониот одбор на „Струмички карневал“ ја доби Миро Георгијевски.
Во категоријата афоризам, Сребрена плакета жирито му додели на Веселин Миличевиќ од Србија, а Бронзена плакета на македонскиот афористичар Ристо Стојановски. Диплома е доделена и на Нада Караџиќ од Србија, а наградата од „Струмичкиот карневал“ ја доби Миле Ѓорѓијоски.
Изложбата од годинашниот Меѓународен Фестивал на карикатура и афоризам ќе биде отворена на 27 февруари во рамките на годинашното издание на „Струмичкиот карневал“, кога ќе бидат врачени и наградите на најдобрите карикатури и афоризми.