Денеска во Основното општинско училиште „Герас Цунев” од село Просениково, се одржа завршниот настан од проектот „Музиката од светот” на Здружението за музика, уметност и култура „Хармонија Акорд” од Струмица, финансиски поддржан од Општина Струмица.
„Музиката од светот“ е претставена во сликовница чија тематска содржина се пет земји од светот, илустрирана со интересни детски слики. Исто така се снимени пет музички детски песнички чии теми беа инспирирани од Шпанија, Индија, Куба, Грција и Мексико, земји кои имаат карактеристична музика, култура и традиција.
„Читањето на книги, слушањето на класична музика, посетата на музеи, театри и галерии се сé поретка појава во нашиот секојдневен живот што непосредно влијае и на културниот развој кај децата. Затоа е потребно кај поголемиот дел од населението кое нема развиено културни потреби токму преку образовниот систем да се поттикне нивото на интерес за културата воопшто. За таа цел ние ги одбравме децата од социјалните и етнички рурални средини. Еден од начинот на кој музиката може да се внесе во секојдневието на децата е преку читање и слушање на звучна книга. Всушност тоа беше главната идеја на нашиот проект. Преку музичката книга, децата низ игра ќе се запознаат со различните мелодии од целиот свет и инструментите специфични за таа држава, но и со различни музички жанрови“, велат од Здружението „Хармонија Акорд”.
Од „Хармонија Акорд” додаваат дека со овој проект сакаат да ги променат пристапите кон публиката, практиките за културно образование, систематските образовни структури и најважно од се е можеби тоа што овој проект ќе донесе и позитивна промена за секое поединечно лице вклучено во проектот.
„Главна целна група беа деца од 9 до 14 години од социјалните и етничките рурални средини. Подеднакво учествуваа и момчиња и девојчиња, а главна цел на проектот беше да им се приближи на децата музиката и традициите од повеќе земји кои можеби досега никогаш ја немаат слушнато“, велат професорките по музика, Ана Тимова и Костадинка Ончева, координатори на проектот.