Откако во саботата Централниот одбор на владејачкиот Социјалдемократски сојуз на Македонија го соопшти ставот на партијата дека граѓаните на струмичките општини треба на референдум да се изјаснат дали се за отворање на рудникот кај Иловица и Штука, денеска граѓанското еколошко здружение „Здрава Котлина“ од Струмица, кое од 2017 година се бори против отворањето на рудникот, го соопшти својот став дека предлогот за референдум е замајување и обид за одвраќање на луѓето од протести.
„Предлогот за референдум е замајување на јавноста, стварање конфузија, тактика за одвраќање на луѓето од протести, обид за релативизирање и смирување на револтот што се шири како пожар низ Македонија“, велат од „Здрава Котлина“.
Овој јули прашањето за отворањето на рудникот кај Иловица и Штука на Огражден повторно се актуализираше по владината одлука од 4 јули за спојување на двете концесии за експлоатација на минерални суровини на Еуромакс Рисорсис, компанијата која сака да го изгради и да оперира со рудникот. Незадоволни од оваа одлука, од „Здрава Котлина“ најавија протестна блокада на центарот на Струмица во сабота, 15 јули.
- Споени концесии на Еуромакс за рудникот кај Иловица и Штука, активисти најавуваат мобилизација
- Протестна блокада на центарот на Струмица по владината одлука за спојување на концесии на Еуромакс за рудникот кај Иловица и Штука
- СДСМ: Граѓаните на струмичките општини треба на референдум да се изјаснат дали се за отворање на рудникот кај Иловица и Штука
„Најпрво тетовски Еколог влезе во Еуромакс, па Управниот суд донесе дијаметрално спротивна одлука, па бесрамната Влада ги спои концесиите, а вчера извршниот одбор на СДСМ излезе со предлог за референдум?!?
Добро има ли некој нормален што не би ви кажал дека со ваков предлог се „остава“ на народот со гласање да аминува и да го покрие криминалното барање за обештетување што адвокатите на Еуромакс и Владата би го договориле на арбитража.
Не е спорно дека никој не сака рудник и дека евентуален референдум против рудникот на смртта ќе биде местен како што е потребно на елитите во политичките партии!
Но, Уставниот суд во 2018 година не научи дека локални референдуми не се уставни за рудници!
Ова е обид за обезбедување алиби од кривична одговорност на функционерите што се имаат потпишувано на документи и што делувале криминогено. Особено затоа што успешен референдум ќе биде причина за овозможување на легална пљачка на буџетот поради договорени оштетни побарувања.
Останува да им порачаме на извршниот одбор на СДСМ дека евентуален ефект на референдум ќе има, но на денот на редовни или вонредни избори. А по тие избори ќе има многу незгодни прашања за сите што овозможија или не постапија за да се одржат законите на државата“, стои во соопштението на „Здрава Котлина“.