„Денеска и официјално можеме да потврдиме со писмен доказ дека она што го зборувавме и за што предупредувавме се случи. Имено тетовски „Еколог“ почна да го купува „Еуромакс Ресурси“ – велат од Здружението „Здрава котлина“.
Според информациите што ги објавија активистите на Фејсбук, акциите се купени преку холандскиот холдинг NDX BV. Станува збор за акции во вредност од 3 милиони американски долари, а договорени се дополнителни финансии од 10 милиони канадски долари за докупување на 25% од „Еуромакс Ресурси“, под услов во наредните две години „Еуромакс“ да добие дозвола за еколошката студија, да ги спои концесиите и конечно да добие дозвола за експлоатација.
„Здрава котлина“ го поставува прашањето: „Зошто „Еколог“ би фрлал милиони на удели во фирма која е моментално заглавена во повеќе десетици милиони долари долгови и чија единствена потенцијална вредност е само ако некако се обнови истечената и одземената концесија?“…
Од еколошкото друштво потенцираат дека од фотографиите што ги објавија е јасно зошто и што ќе се случува во наредниот период.
„Но есапот дома и на пазар не е секогаш ист и крајно време е за радикални промени во нашето општество. Веќе е извесно дека ќе има голем конфликт и долга ќе биде битката, но ние ќе победиме и рудник нема да има“ – додаваат од „Здрава котлина“.