Во пресрет на претстојниот празничен период, од Противпожарната единица на Струмица (ТППЕ Струмица), предупредуваат на зголемен ризик од пожари во објектите, најчесто предизвикани од невнимателна употреба на празнични украси, светилки, свеќи и прскалки. Посебно се нагласува дека новогодишните елки и пластичните украси лесно се запалуваат, а огнот може многу брзо да се прошири на околниот мебел и ентериерот.
Од тие причини, се апелира граѓаните строго да ги почитуваат советите на пожарникарите, меѓу кои: да не оставаат запалени свеќи без надзор, да не користат неисправни сијалички и украси, да не палат прскалки на елката, како и да ги чуваат запалките, свеќите и кибритите подалеку од дофат на деца. Дополнително, продолжните кабли и електричните уреди мора да бидат во исправна состојба, а нивното покривање со теписи и други ткаенини треба целосно да се избегнува.
Во случај на појава на пожар, се препорачува затворање на вратите и прозорците со цел да се спречи ширењето на чад и топлина, а веднаш да се пријави на телефонските броеви 193 или 112.
Празничниот период се совпаѓа и со грејната сезона, па посебно внимание се посветува на неодговорното отстранување на пепелта. И покрај ниските температури, доколку времето е суво, врелиот пепел во контакт со запаливи материјали како картонска амбалажа или отпадна хартија може да предизвика пожар. Жарчињата од пепелта претставуваат потенцијален извор на палење и до 24 часа по нејзиното отстранување, поради што се препорачува пепелта да се фрла на соодветно место или во метален сад и задолжително да се изгаси со вода.
Од ТППЕ Струмица апелираат граѓаните да ги почитуваат препораките за одговорно однесување, со цел претстојната празнична сезона да помине безбедно и мирно.





























