Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов информираше дека ставено е во функција новото детско игралиште во турското маало во Струмица.
На бетонска платформа од 120 м², поставена е гумена подлога, а веќе од денеска и комбинирана детска играчка. Деновиве ќе се заврши и партнерното уредување околу игралиштето и патеките, а целата инвестиција на ова детско игралиште е од буџетот на општина Струмица и чини 1.467.000 денари.
„Сите деца во општина Струмица треба да имаат среќно и безгрижно детство. Тоа го заслужуваат и децата од струмичката 8-ма Месна заедница. Токму за нив е наменето детското игралиште во турското маало, целосно финансирано од општинскиот буџет. Јас очекувам овде да играат и деца Турци и деца Македонци и сите кои живеат во овој дел на градот, оти тоа е богатството на Струмица и Струмица таква ја личи“, кажа градоначалникот Костадинов.
Градоначалникот Костадинов при посетата на турското маало најави и други проекти кои ќе се реализираат таму. Следно е асфалтирање на улицата „Славчо Стојменски“ и бетонирање на сокаците во горниот дел на турското маало.
„Кога сум овде важно е да потенцирам дека наближуваат роковите кога ќе треба да ја рушиме старата „маларична болница“ со сите придружни времени објекти. Благодарам на поддршката и разбирањето што го добивам од жителите на турското маало. Станува збор за рушење, неблагодарна работа, но ова место ќе стане навистина функционално и многу убав простор во овој дел на градот, кадешто ќе можат да рекреираат жителите на турското маало. Ќе има фудбалско, кошаркарско игралиште и паркинг за потребите на Џамијата и за Црквата „Свети Петнесет“, кажа Костадинов.