Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“ донираше 5.050 евра на СОУ „Јане Сандански“ од Струмица за опремуваување (дигитализирање) на кабинетот по физика, како еден од приоритетите за комплетно осовременување на образовниот проце во училиштето. Тоа подразбира обезбедување современа ИТ-опрема и имплементација на оваа алатка во целосната реализација на проектот за дигитализација на наставата во струмичката гимназија.
Со овој проект ќе бидат создадени услови за подобрување на квалитетот на наставата преку користење на интерактивни методи и дигитални ресурси, развивање на дигитални компетенции кај учениците, олеснување на комуникацијата меѓу учениците, наставниците и родителите, подигање на мотивацијата кај учениците и фаќање чекор со развиениот свет и новите трендови преку STEM образование.
„СОУ „Јане Сандански“ од Струмица, како долгогодишен расадник на врвни физичари, математичари и информатичари, го заслужи вниманието и поддршката од нашата фондација. Ги повикуваме и другите фондации, институции, здруженија и општествено одговорни компании да ни се придружат или да го следат примерот на Фондацијата „ЗАЕВ – Едно општество за сите“, затоа што поддршката на образовните институции за нивно осовременување е влог во иднината на татковината“ – соопштија од Фондацијата.