Со пеење на старата коледарска византиска песна „Вечниот Бог“ низ улиците на Струмица, 140 дечиња од Струмица и нивните родители, денеска тргнаа во бадникова поворка, од црквата „Св. Кирил и Методиј“, да го најават големиот христијански празник, Раѓањето Христово. Со себе ја носеа иконата која симболично го претставува раѓањето на господ Исус Христос.
Децата дојдоа во зградата на Општина Струмица пеејќи ги стиховите „Свет, свет, пресвет си Господи“, каде ги пречекаа градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов и Викарниот Епископ г. Јаков Стобиски, кои ги даруваа коледарите со пакетчиња и им посакаа добро здравје, а заедно со нив продолжија по улиците на Струмица до плоштадот „Гоце Делчев“, каде се одржа и Хуманитарен Бадникарен концерт за собирање парични средства за лекување на малата Дениса Стоева од Штука, струмичко, која во моментот се наоѓа на Детската клиника во Скопје и чека да биде однесена на лекување во Турција.
На овој прекрасен концерт на отворено што го организираа волонтерите на Фондација „Елеуса“, заедно со учениците од Школата за веронаука при храмот „Св. Кирил и Методиј“ и Струмичката Епархија, а со поддршка на општина Струмица, струмичани имаа можност да уживаат во божиќните композиции со изведба во живо од хор и оркестар.
Денешниот свечен настан има за цел, радоста и топлината на Бадник и Божиќ да ја почувствува секое детско срцe.