Како дел од меѓународната соработка на општина Струмица, на покана на Европратеникот и известувач за напредокот на Република Северна Македонија во Европската Унија, Илхан Ќучук од денеска делегација од Општина Струмица предводена од градоначалникот Костадин Костадинов е во работна посета на Европскиот Парламент во Брисел.
Во рамките на посетата градоначалникот Костадинов со делегацијата составена од претседателот на Советот, Марјан Даскаловски, секретарот на општината, Александар Оџаков и Александар Ненчев, советник во општина Струмица, ќе имаат работни средби со претставници на Република Бугарија и на Мисијата на Република Северна Македонија при Европскиот Парламент.
„Градењето на силни и трајни односи меѓу народите значи можност за напредок, размена на искуства, поддршка и промоција на локалниот економски развој и градење на заедници во кои почитта, мирот и стабилноста имаат приоритет. Токму ова е приоритет и за нас, како општина со карактеристична гео-положба. Во оваа насока, во духот на пријателството и добрососедството, а сѐ во интерес на жителите на општина Струмица, продолжуваме да работиме на продлабочување на односите со соседна Бугарија“ – изјави градоначалникот Костадинов.
Преку реализацијата на посети и средби од ваков тип, Општина Струмица продолжува да работи во насока на развој на односите со меѓународната заедница и идентификација на потенцијалите за соработка за прашања од заеднички интерес од различни сфери.