Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов во рамки на неколкудневната посета на Република Србија оствари средба со градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ на која двајцата колеги разменија информации и искуства од управувањето со општините, а најавија и почеток на интензивна соработка на повеќе теми.
„Големо е задоволството да се биде гостин во официјална посета на Нови Сад, во Република Србија. На покана на домаќинот и мој колега, градоначалникот Милан Ѓуриќ, престојувам во градот на мултикултурата и современиот симбол на младоста. Во рамки на реализираната официјална средба, разговаравме на теми од интерес и во таа смисла успеавме да ја пронајдеме нишката која го поврзува овој град на Дунав со нашата Струмица. Иницирано од културната размена и реализацијата на првиот „GetEXITEd“ во Струмица, како дел од светски познатиот фестивал „Exit“, преку моделот за еднаквост и толеранција, па сé до респектот кон природата и практикувањето спортски начин на живот, се договоривме да започнеме процес на интензивна соработка помеѓу Нови Сад и Струмица. Заедно со градоначалникот Ѓуриќ се согласивме оваа иницијатива да прерасне во пример и урнек, како во рамките на процесот „Отворен Балкан“ треба да се работи, соработува и во крајна линија, да се стекнуваат и шират нови познанства“, изјави по средбата градоначалникот Костадинов.
Градоначалникот на Нови Сад вели дека во духот на балканската гостопримливост со задоволство го пречека градоначалникот на Струмица, со кого имале продуктивна средба.
„Разговаравме за можностите за соработка на двете општини и ги идентификувавме темите кои нѐ обединуваат и се од интерес за нашите сограѓани. Со колега како Костадинов, преку развој и реализација на интензивна соработка во областа на културата, спортот и меѓучовечките односи, убеден сум дека ќе поставиме нови репери кои ќе ни потврдат дека со ваква соработка и на Балканот е можен успех“, потенцираше градоначалникот ан Нови Сад, Милан Ѓуриќ.
Во рамките на официјалната посета на Нови Сад, градоначалникот Костадинов исто така присуствуваше и на конференција за медиуми во чии рамки беше најавено второто издание на „GetEXITed” во Струмица. На средбата, покрај двајцата градоначалници присуствуваа, основачот и директорот на Фестивалот „Exit“, Душан Ковачевиќ и музичката ѕвезда Ана Ѓуриќ Костракта, која доаѓа на 7 септември на „GetEXITed” Со струмица.