Во рамките на посетата на Италија, каде во неделата беше потпишан Акт за збратимување меѓу општините Василево и Понтенура, градоначалникот Славе Андонов вчера имаше средби и со стопанственици во Пјаченца.
„Остварив средба со повеќе стопанственици од Пјаченца, производители на кафе, млечни производи кај кои чесно и одговорно работат Македонци, но и стопанственици по потекло од општина Василево и општина Ново Село. Овие средби претставуваат доказ за силната и нераскинлива врска на македонските иселеници со своите корени и Република Македонија, како и потврда дека контактите и соработката со иселениците може да се одржуваат и развиваат на квалитетна и продуктивна основа. Стопанствениците со потекло од Република Македонија целосно се интегрирани во местото каде што работат, но изразија интерес да инвестираат и во општина Василево. Ние како општина Василево сме отворени за соработка“, напиша на својот Фејсбук профил градоначалникот Славе Андонов, кој престојот го искористил и за посета на Римокатоличка семинарија Алберони.