Градоначалникот на општина Струмица, Костадин Костадинов денеска беше во посета на струмичката болница на Одделението за Гинекологија и Акушерство да го види првиот струмичанец на општина Струмица, кој на свет го донесе неговата мајка Љубинка Терзиева.
Како прв жител на општина Струмица новороденчето од градоначалникот Костадинов и општината доби подарок – штедна книшка со 40.000 денари, а мајката кошница со подароци.
„Радувајте му се драги мои струмичанки и струмичани на нашиот нов сограѓанин. Нека „повлече нога“ првото струмичко новороденче во 2024 година и новиот член на семејството Терзиеви, за да се раѓаат уште многу, многу машки и женски здрави и убави деца во преубавата ни општина Струмица“, кажа Костадинов изразувајќи ја својата радост со позитивни емоции.
Првото бебе во Струмица се роди во 01 часот и 10 минути од Новата 2024-та година, со тежина од 3350 грама, а на свет го донесе струмичанката Љубинка Терзиева, како нејзино второроденче.