Во рамките на Неделата на Солидарност, а во пресрет на најголемиот христијански празник Велигден, Здружението за помош и поддршка на лица со Даунов синдром „Вера“ од Струмица, денеска и утре организира Хуманитарна акција за донирање на храна и средства за лична хигиена со цел да им се помогне на семејствата на членовите на здружението.
„На првиот ден голем број граѓани и компании, но и Здруженија се одзваа на апелот за донирање и само денеска за четири часа се собрани околу 30 семејни пакети“, ни кажа Анче Туфекчиева од Здружението „Вера“.
Акцијата продолжува и утре (сабота, 13 април) во периодот од 13:00 до 17:00 часот на пунктот пред просториите на здружението, кај главиот влез во Инкубаторот, (поранешна касарна).
Се препорачува сите хумани граѓани да донираат храна која не е лесно расиплива, како: ориз, грав, сол, шеќер, тестенини, масло за готвење, грашок, конзервирана храна и конзервирано овошје, супи, леќа, бисквити и слично.
Исто така неопходни се и средства за лична хигиена, прашок за перење, сапун за раце, шампон за коса и средства за хигиена на домот.