Денеска околу 10:00 часот избувнал голем пожар помеѓу селата Водоча и Вељуса, кој за многу кратко време, поддржан од силен ветер и високите температури зафатил површина од околу 80 хектари и се ширел во сите правци, информираат од Противпожарната единица на Струмица.
„Веднаш беше мобилизирана целата Противпожарна единица со 9 противпожарни возила и 32 пожарникари и испратени на лице место. Гасењето на пожарот беше поделено на сектори со цел за побрзо и поефикасно негово ликвидирање. За жал некои викендици беа зафатени од пламените јазици, но многу други вклучувајќи и производствени погони беа спасени со крајни напори. Пожарот е целосно ликвидиран околу 18:30 часот“ – соопштија од ТППЕ Струмица, изразувајќи голем благодарност и до припадниците на МВР кои за цело време помагале во гасењето на пожарот.